Архитектура - Домашна архитектура
Сите што ја видоа презентацијата на кошмарната визија за Скопје 2014 година останаа со подотворени усти и тегоба во градите. Во оваа компјутерски генерирана грдотија се' е лажно: непостојните архитектонски стилови, нереалните барокни споменици, ужасните згради што ги затнуваат кејовите и плоштадите на главниот град, смешните лавови, црквата поставена на канализација (невиден срам !), малоумните врби сред Вардар... Сите овие „креации“ на македонскиот политички врв се како карневалски маски кои неук провинциски клептоман ги испокрал протрчувајќи низ стоковната куќа на европската историја.
Маските за овој архитектонски карневал се наменети да ја создадат илузијата за напредокот и просперитетот, но идејната пустелија и незнаењето со кое Владата сака да направи од Скопје Потемкиново село не можат да ги скријат влакнестите нозе, чапунките, опашот и јарешкиот лик на ѓаволското зло што се крие зад тие маски и тантели. Колку и да се трудат да ја скријат злата намера (читај: политичката манипулација), таа им протекува низ грдата архитектура како врела писа низ гевгир. Овие урбанистички „визии“, во својата суштина наивни и инфантилни, му изгледаат на професионалец како дело на ментално болен архитектонски „Наполеон“, но на обичниот човек мора да му предизвикуваат длабока вознемиреност, зашто под налудничавите карневалски маски чувствува зло и затскриена закана.
Заканата се крие во слепата решителност на Владата да го пресоздаде центарот на Скопје според мерка на својата интелектуална инфериорност и малограѓанскиот кичерски вкус, а за тој нелегален проект да потроши стотици милиони евра народни пари. Оваа антинародна власт практично му се заканува на сопствениот народ „давајќи“ му насила „подароци“ купени со негови пари, спротивно на неговата волја и расположение. За овие карневалски маски таа го гази Уставот, законите, стандардите, ги фалсификува процедурите, конкурсите, мислењата и согласностите, ги демонтира сите институции во државата, јавно ја корумпира Македонската православна црква, гази по правата на граѓаните, чувствата на етничките заедници и што се' не друго. Токму оваа безумна подготвеност на власта за својата налудничава „визија“ да плати колку било висока цена – на сметка на џебот и грбот на граѓаните - егзистенцијално го застрашува и парализира народот македонски.
Болната опсесивност на власта, нејзините налудничави креации - макар насила - да бидат прифатени како сакан подарок е вообичаен симптом на патологијата на современите апсолутистички режими. Сите тие имаат патолошка потреба да бидат сакани. Сите покажуваат компулсивен ентузијазам во миг да го пресоздадат светот според сопствените манијакални (најчесто кичерски) визии, кај сите постои агресивна потреба да бидат обожавани... Задоволувајќи ја оваа потреба, сите диктатури ја заменуваат стварноста со пропаганда! Оттаму потекнува и нивната подготвеност да го потрошат целото национално богатство на саморекламирање. Од истиот ѓол потекнува и малограѓанската „ситничавост“ кон божемното задоволување на правната форма и кон „јавното мнение“, инсистирањето да „изгледаат чесни“ и „се' да биде според закон“, без оглед на демонски незаконската содржина на сите „хартии“ што ги произведуваат. Поради тоа и нашиот „троа фашизам“ - меката карневалска верзија на ДПМНЕ - особено се трудеше „визијата“ за Скопје 2014 да биде „според сите можни закони“ и ситничареше околу собирањето на потребните мислења, согласности и процедури за измените на урбанистичкиот план за Малиот ринг...
Не изненадува тоа што содржината на урбанистичкиот план е спротивна на законот, тоа што мислењето на Управата за културно наследство е спротивно на законот, тоа што согласноста на Министерството и на Град Скопје, исто така, се спротивни на законот, сите суштински неуставности се неинтересни за власта - се' додека е задоволена општата форма, додека е комплетна листата на законски постапки за донесувањето на планот. Но, шокира сознанието дека Владата и Општина Центар ја спровеле целокупната постапка за изработување и донесување на деталниот урбанистички план за Малиот ринг според неважечка законска процедура, значи донеле документ без правна основа, неспроведлив и неважечки! Човек не може да не подрипне од радост при откритието на оваа, како планина голема, незаконитост во постапката за донесувањето на планот. Оваа колосална глупост на ДПМНЕ е особено забавна затоа што ќе станат свесни за законската ништожност на нивната „визија“ - читајќи весници!
Еве за што се работи: постапката за изработување и донесување на урбанистичкиот план за Малиот ринг почна со носењето на Програмата за приоритетна изработка на урбанистички планови на Владата на РМ во ноември 2009 година. Според оваа програма, Општина Центар - по специјална скратена постапка - експресно го изработи Малиот ринг во предлог-план (прескокнувајќи ја фазата на нацрт-план, која е задолжителна за сите планови), го изложи на јавна анкета за време на новогодишните и божикните празници (!) и го донесе на 29 јануари 2010 година. Но, целата оваа постапка Владата и Општината ја изведоа според одредби од закон кои се надвор од сила! Ако не ви се верува на очите, ќе ви повторам со големи букви: ПРИОРИТЕТНАТА ПРОГРАМА НА ВЛАДАТА И СКРАТЕНАТА ПОСТАПКА ЗА ДОНЕСУВАЊЕ УРБАНИСТИЧКИ ПЛАНОВИ СЕ ИЗБРИШАНИ ОД ЗАКОНОТ ЗА ПРОСТОРНО И УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ ВО ЈУЛИ 2009 ГОДИНА!!! „Билмезите“ ја изведоа целата постапка за својот најважен проект без правна основа, според неважечки одредби, кои самите претходно ги избришаа со измени на законот! Постои ли поголем резил за еден „чесен“ националсоцијалистички режим кој сака „се' да биде според закон“?
Сите органи на власта и сите граѓани во државава сега знаат дека оградата на плоштадот е незаконска, дека изместувањето на главната канализација под црквата е незаконско, дека малоумната капија, врби и објекти на кејот... сите се незаконски, затоа што планот за Малиот ринг - во кој се нацртани – правно е ништожен и практично не постои. Реализацијата на карневалската „визија“ ќе мора да се одложи додека Општината не ја повтори процедурата отпочеток - овој пат барем формално според законот. И, да, за олку очевидна и скандалозна незаконитост не мора да се чека да одлучува Уставниот суд - секој правник и секој писмен човек може да ја утврди, но единствено од педагошки причини, иницијативата за оценување на уставноста е веќе на пат кон судот.
::: Утрински весник
| < Пред | Следно > |
|---|
Конкурси
- Конкурс за дизајнирање на мебел
- Изработка на идејно архитектонско урбанистичко решениe за Спортска повеќенаменска сала во Општина Аеродром - Скопје
- Изработка на архитектонско-урбанистички проект со идејно решение за реконструкција на Зелен Пазар
- Конкурс за изработка на идејно решение за изградба на деловен објект за потребите на Агенцијата за електронски комуникации - Скопје
- Изработка на идејно архитектонско решение за административен објект на локална самоуправа на Општина Карпош, Скопје
Добра мисла
Fashion is architecture: it is a matter of proportions.Coco Chanel
Анкета
Колку пати во годината ги посетувате архитектонските изложби ?
|
Skopje, Macedonia
|
|||||||
![]() |
|
||||||
|
![]() SE
|
||||||
| Прикажи повеќе детали | |||||||
| Изберете град... | |||||||
|
|
|||||||




